Ќерките на Фазилет

Подреди

До каде ќе стигне амбицијата на една мајка која своите разурнати соништа ќе реши да ги оствари преку животите на нејзините две ќерки? Колку е голема желбата за пари за да се згази целото човеково достоинство? Госпоѓата Фазилет заедно со своите две ќерки, Хазан и Еџе, живее скромен живот. По смртта на сопругот, Фазилет станала глава на семејството и решила преку своите ќерки да го оствари својот сон и да стане богата. Нејзината најголема поддршка на патот до богатството е всушност нејзината помлада ќерка, Еџе. Од друга страна, постарата ќерка Хазан ја крие својата убавина облекувајќи се како машко, со цел нејзината амбициозна мајка да не ја искористи во намерата да стане славна. Верува дека нејзината мајка е виновна за смртта на татка си и смета дека токму Фазилет не ја сака неа поради фактот што морала по породувањето со неа, да се откаже од остварувањето на соништата. Но, верувајќи дека еден ден ќе стане позната, Фазилет пробува на сите можни начини да го исполни тоа токму преку Еџе, која ја тера да стане глумица или модел. Водејќи ја од една на друга аудиција, Фазилет ја запознава богатата и високопочитувана фамилија Егеман, по што патиштата засекогаш ќе се вкрстат во еден опасен крстопат. Богатиот претприемач господин Хазим Еген живее во луксузна вила на Босфорот заедно со своите четири деца - синовите Гокхан, Синан и Јагиз, како и ќерката Селин. Гокхан е среќно оженет со својата љубов Јасемин. Јагиз е миленик на семејството поради благородниот дух, зрелост и одговорност кога е во прашање семејниот бизнис, а пак Синан е познат како заводник. Откако една афера на Синан ќе го преплави "жолтиот печат", Јагиз одлучува дека е време да го вработи во семејната компанија и затоа го задолжува да одбере најубаво женско лице за нивната кампања за козметички производи. И тогаш, сосема случајно на тој кастинг, семејството Егеман се запознава со Фазилет и нејзините ќерки. Еџе го поминува првиот круг, но поради доцнење, ја пропушта приликата да биде одбрана за лице на компанијата. Фазилет го моли Синан да ѝ даде уште една шанса на нејзината ќерка, по што тој конечно прифаќа и ја поканува Еџе на пробно фотографирање во хотелот. Но ситуацијата ќе се искомплицира кога Еџе ќе се најде во теснец меѓу мајчината амбиција и љубомората на дечко ѝ кој не ѝ дозволува да оди во хотелот на снимање. Хазан, како би ја спасила сестра си, решава да оди во хотелот наместо неа и за прв пат во животот, ќе се дотера како што доликува приликата. Нејзиниот живот драстично ќе се смени откако ќе сфати дека западнала во замката на Синан. Но, нема да се смени само нејзиниот живот, туку и животот на целото семејство Егеман. Фазилет и нејзините ќерки по игра на судбината ќе се преселат во луксузната вила на богатите, од кога започнуваат и сплетките кои навестуваат интересна и интригантна игра на лаги, завери, но и многу љубов.

Улоги : Назан Кесал (Фазилет), Дениз Бајсал (Хазан), Афра Сарачоглу (Еџе), Махир Гунширај (Хазим), Алп Навруз (Синан) и др.​

Текстот е превземан од: www.tvpaket.com.mk 

 

 

RSS